Историјат

OОУ Тихомир Милошевски е лоцирано во с. Ново Село – Скопско и припаѓа на општината Ѓорче Петров. Училиштето е формирано во 1954 година како училиште на македонски наставен јазик. Во првите години од формирањето својата дејност ја врши во една училница, со настава во една комбинирана паралелка од прво до четврто одделение. Со зголемувањето на бројот на жителите на територијата на која гравитира училиштето, од 1965 година па се до денес е доградувано повеќе пати.Во 1971 година се доградени 3 училници, во 1975 година се доградени 4 училници и 2 помошни простории. Во 1986 година се доградени уште 4 училници и 3 помошни простории и во 1995 година е доградена уште една помошна просторија. На почетокот од своето постоење училиштето својата наставна дејност ја одвиваше како подрачно училиште на Централните училишта: Моша Пијаде, Мирче Ацев и Страшо Пинџур, а од март 1987 година преминува во самостојно училиште со што се создаваат и далеку поповолни услови за изведување на наставата. Во учебната 1986/1987 година училиштето работеше во 3 смени што претставуваше голем проблем за изведување на наставата, но со неговата доградба се создадоа услови за работа во 2 смени. Последниве години повторно се јавува проблем со просторот, потребно е зголемување на просторниот капацитет во училиштето. Во 1992 година е воведено и парно затоплување со што во голема мерка се подобрени условите за настава, но потребно е префрлање на парното од тврдо на течно гориво. Во 2001 година училиштето е санирано благодарение на донацијата од организацијата “Shelter”. Од септември 2009 година нашите ученици за наставата по физичко и здравствено воспитание ја користат спортската сала „Христо Батанџиев“ лоцирана во дворот на училиштето.

МИСИЈА, ВИЗИЈА
ООУ ,, Тихомир Милошевски “ е училиште за сите ученици кое нуди еднакви можности за развој и унапредување, училиште во кое се почитуваме едни со други. Работиме вредно и одговорно, сакаме да сме подобри. Мисијата на нашето училиште е да го поттикнува личниот развој на учениците и наставниците, да изведеме на добар пат успешни генерации, да ги воспитуваме децата да ја почитуваат традицијата на нашиот крај, но и да ги следат современите текови. Сакаме да бидеме современо, модерно и креативно училиште, место каде што учениците со задоволство ќе доаѓаат и место на задоволни наставници и родители. Училиште со современа, квалитетна и ефикасна настава, приспособена според потребите и интересите на учениците и средина во која што ќе се почитуваат разликите.